Здравје

Електронските уреди не се замена за цигарите

14.01.2026 15:55

Според последниот извештај на ЕСПАД, 40,3 проценти од младите на 15 и 16 години во земјава користат електронски цигари. Убедени се дека вдишуваат водна пара и дека безопасно го следат трендот. Дали електронските цигари се навистина побезбедни? Кои се последиците? Може ли предложениот закон за пушење да ја намали бројката особено на млади корисници?...

Сакаат да бидат во чекор со времето, да го следат трендот, да изгледаат модерно. Не сакаат јавно да зборуваат за своите навики и избори пред камера. Младите, особено тинејџерите, електронските цигари и вејпинг уредите ги доживуваат како безопасна алтернатива – како обично вдишување водна пара.

Бројките покажуваат алармантна слика. Според последниот извештај на ЕСПАД, 40,3 проценти од младите на 15 и 16 години во земјава користат електронски цигари. Зад трендот што изгледа безопасно, се крие коктел од хемиски отров, кој лекарите го оценуваат како сериозен ризик.

„Освен никотинот, имаат ПМ 2,5 честички, коишто навлегуваат далеку во дишните патишта и тука го остваруваат своето несакано и токсично дејство. Исто така во овие уреди, од нив се создаваат и тешки метали како што се никел, кадмиум, арсен и некои други. И секако дека оние ароми што се ставаат, коишто се со вкус на овошје или чоколадо, коишто се наменети за младата популација бидејќи стануваат атрактивни различните вкусови, тие се претвораат при загревање во токсични, штетни материи“, вели д-р Дејан Докиќ, алергопулмолог.

И покрај тоа, младите ретко ја поврзуваат оваа навика со долгорочни последици. А токму тие, велат лекарите, се најнеизвесни.

„Повеќе се изложени на ризик од инфекции на белите дробови, да тие во полна мерка не созреат до крај, да се склони кон алергии кон астма подоцна во животот и особено е важно дека овие консументи во текот на својот живот, понатаму, не се знае колку долго ќе ги консумираат и колку ќе бидат штетни далекусежните последици после одреден број на пушење. Но, забележано е и регистрирано, дека тие коишто ќе земат електронски цигари или вејпинг уреди, подоцна во животот стануваат зависници и се префрлуваат на класични цигари“, додава Докиќ.

Прашањето кое останува е, дали трендот вреди повеќе од здравјето – особено кога станува збор за деца кои допрва треба да растат.

Иако дел од пушачите, особено оние кои во моментот немаат здравствени проблеми, ограничувањата со новиот предлог-закон ги доживуваат како скратување на личниот комодитет, доктор Докиќ порачува дека никотинот никого не поштедил.

Катерина Топалова