Лидерска средба

Техничката влада ќе се укине, но не од следните избори, туку од тие по нив

14.01.2026 18:41

Тричасовна конструктивна лидерска средба во Клубот на пратениците. Таму беа сите поканети, освен Филипче. За укинувањето на техничката влада – компромисно решение, тоа да се случи, но не од следните парламентарни избори, туку од тие по нив. До јуни ќе има и нов изборен законик, a дотогаш ќе се работи на модалитетите. Законот за прекршоци за системот „безбеден град“ ќе се одблокира, продолжува дијалогот за избор на нов народен правобранител...

Во конструктивна атмосфера мина тричасовната лидерска средба во Клубот на пратениците. Консензус е постигнат за реформската агенда за продолжување на европската интеграција. Согласност има и за нов Изборен законик што треба да се донесе до крајот на пролетта, како и за Законот за прекршоци за да може системот „Безбеден град“ да почне да функционира од 1-ви февруари. По противењето на СДСМ, премиерот Мицкоски фрли ракавица – техничката влада да се укине, но не од следните парламентарни избори, туку од оние по нив, но и да се побара мислење од меѓународниот фактор, како што побарал Ахмети.

Од ДУИ велат, не сме против моделот за една изборна единица, но со минимален праг од пет отсто и отворени листи.

Отворени за понатамошни разговори во Собранието остануваат темите за бројот на изборните единици, дали листите ќе бидат отворени или затворени и кога ќе се укине техничката влада.

Во однос на прашањето за народниот правобранител, чијшто избор е блокиран поради немањето Бадентерово мнозинство, ќе продолжат консултации во Собрание.

Од „Левица“ предлагаат, припадник на ромската заедница да биде избран за омбудсман, бидејќи, како што велат, тие се најдискриминирани во нашето општество.

На средбата не присуствуваше лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

Марија Котовска