Трамп не исклучува можност од воена акција во Иран
Иран нема планови за егзекуција на демонстранти, тврди американскиот претседател Трамп, но и натаму не ја исклучува можноста за воена акција поради насилното задушување на антивладините протести. Голем број земји веќе издадоа предупредување до своите државјани да го напуштат Иран...

Оптимистичките тонови од Вашингтон дека Иран ги запрел плановите за егзекуции на притворените демонстранти не ја намалија неизвесноста во земјата, додека воената опција на САД сè уште останува на маса. Трамп истакна дека внимателно ги следи случувањата и ќе реагира соодветно.
„Ми соопштија, и тоа од многу сигурни извори од другата страна, дека убивањето во Иран запира и дека егзекуциите нема да се одржат. Ќе дознаеме за тоа, ќе видиме дали е вистина, се надевам дека е. Продолжуваме да ја следиме ситуацијата многу сериозно и ќе реагираме соодветно“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Техеран тврди дека воспоставил целосна контрола врз ситуацијата по, како што рекоа, „терористичките операции“ во земјата, повикувајќи ги САД на дипломатија. Ги отфрлија најавите за погубувања, оценувајќи ги како западни дезинформации.
„Не сум слушнал за никакви бесења, воопшто нема таков план. Мирно е. Нема демонстрации. Нема протести. Четири дена е сè мирно. Со демонстрантите, тоа беше друга приказна. Тие сакаа да го зголемат бројот на смртни случаи затоа што Трамп рече дека ако има убиства, тој ќе интервенира. Иран докажа дека е подготвен за преговори, за дипломатија. Но, на претседателот на САД е да одлучи“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
Во делумниот информативен мрак предизвикан од прекинот на интернетот, сепак протекуваат снимки кои укажуваат на повремени судири околу Техеран. И покрај тоа, оние што сè уште можат да известуваат потврдуваат дека ситуацијата е релативно мирна, додека репресијата од властите продолжува. Активистите сугерираат дека егзекуциите се одложени по меѓународниот притисок додека бројот на жртви надминал 3.000.
„Невозможно е да имаме точни бројки, но од неколку локации каде што имаме сигурни информации, изгледа дека ќе бидат над 5.000 смртни случаи“, изјави Хади Гаеми, извршен директор во Центарот за човекови права во Иран.
„Не видовме протести во последниве неколку дена во Техеран, но револуционерната гарда внимателно следи кој се движи низ градот и како. Луѓето се плашат да не бидат уапсени. Иранското раководство јасно соопшти дека секој што ќе учествува во антивладините протести, во насилните протести, како што ги нарекува, ќе се смета за терорист и ќе биде соодветно казнет, а некои од овие прекршоци се казнуваат со смртна казна овде во Иран“, изјави Фиби Гаа, дописничка на „ZDF“ за Блискиот Исток.
Меѓународната заедница останува загрижена поради кризата во Иран. Сè повеќе земји ги повикуваат своите граѓани да ја напуштат земјата, откако властите во Техеран привремено во текот на ноќта го затворија воздушниот простор, што предизвика пренасочување на летовите. Велика Британија ја затвори амбасадата во Техеран и го евакуираше персоналот, додека САД делумно повлекоа сили од клучните бази во Катар. Истовремено, медиумите јавуваат за таен договор меѓу Израел и Иран, посредуван од Русија, во кој двата сосема непријателски држави се уверувале дека нема први да започнат напад, само неколку дена пред избувнувањето на протестите во Иран кон крајот на декември.
Бојана Крстевски
