Баритонот Борис Трајанов одликуван со титулата „Национален уметник“

09.09.2014 12:40

Македонскиот баритон, Борис Трајанов стана национален уметник. Богатата кариера и меѓународните признанија се причина што ресорното министерството одлучи да му ја додели оваа титула, која е највисока во областа на културата. Досега наградата „Национален уметник“ ја добија пијанистот Симон Трпчевски, режисерот Милчо Манчевски и кралицата на ромската музика Есма Реџепова.

Меѓународната слава на оперските сцени и многубројните признанија, пресудни, реномираниот македонскиот баритон, Борис Трајанов да ја добие титулата национален уметник. Неговиот глас низ годините одекнувал во оперските куќи во Европа, САД, Латинска Америка, Јапонија, Кореја. Трајанов  наградата им ја посвети на семејството, пријателите, но и на својот народ.

„Во моментот кога ја добив наградата Национален уметник на Република Македонија мојата среќа немаше крај. Многу бев почестен бидејќи ми ја дава мојот народ, моите граѓани“, изјави Трајанов.

Во богатата кариера на Трајанов се испишани 43 водечки баритонски улоги, 900 настапи, 135 концерти и 1.186 оперски претстави. Преку своите маестрални изведби македонскиот баритон  три децении ја промовираше Македонија низ светот.

„Титулата Национален уметник е наша недвосмислена заложба да им оддадеме почит на уметниците кои го вложуваат целото свое професионално делување во надградување на уметничкиот идентитет на Република Македонија“, рече министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска.

„Со своите иницијативи и проактивност Борис Трајанов покажа дека уметниците со својата креативност можат себеси и својата енергија да ја вложат за доброто на сите“, нагласи Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

Борис Трајанов е добитник и на наградите 11 октомври за животно дело и Уметник на мирот од УНЕСКО. Тој ја поттикна и акцијата „Денот на дрвото“.

По пијанистот Симон Трпчески, режисерот Милчо Манчевски и естрадниот уметник, Есма Теодосиевска Реџепова, македонскиот баритон е четвртиот носител на највисоко признание од областа на културата.

 

Викторија Тодоровска