Трамп: Техеран нема план за егзекуции
Кризата во Иран се заострува и покрај тврдењата на Трамп дека Техеран ги запрел убиствата и планираните егзекуции во земјата. Воената опција на САД останува на маса додека американскиот носач на авиони се преместува од Јужното Кинеско море кон Блискиот исток. Техеран тврди дека воспоставил целосна контрола врз ситуацијата во земјата. Го повика Вашингтон на дипломатија. Активистите сугерираат дека репресијата продолжува, а бројот на жртви надминал 3.000. Советот за безбедност на ОН се состанува на брифинг за ситуацијата.

Оптимистичките тонови од Вашингтон дека Иран ги запрел плановите за егзекуции на притворените демонстранти не ја намалија неизвесноста во земјата, додека воената опција на САД сè уште останува на маса. Трамп истакна дека внимателно ги следи случувањата и ќе реагира соодветно додека го преместува носачот на авиони на Блискиот Исток.
„Ми соопштија, и тоа од многу сигурни извори од другата страна, дека убивањето во Иран запира и дека егзекуциите нема да се одржат. Ќе дознаеме за тоа, ќе видиме дали е вистина, се надевам дека е. Продолжуваме да ја следиме ситуацијата многу сериозно и ќе реагираме соодветно“, изјави Доналд Трамп- претседател на САД.
Техеран тврди дека воспоставил целосна контрола врз ситуацијата по, како што рекоа, „терористичките операции“ во земјата, повикувајќи ги САД на дипломатија. Ги отфрлија најавите за погубувања, оценувајќи ги како западни дезинформации.
„Не сум слушнал за никакви бесења, воопшто нема таков план. Мирно е. Нема демонстрации. Нема протести. Четири дена е сè мирно. Со демонстрантите, тоа беше друга приказна. Тие сакаа да го зголемат бројот на смртни случаи затоа што Трамп рече дека ако има убиства, тој ќе интервенира. Иран докажа дека е подготвен за преговори, за дипломатија. Но, на претседателот на САД е да реши“, изјави Абас Арагчи – министер за надворешни работи на Иран.
Оние што сè уште можат да известуваат потврдуваат дека состојбата е релативно мирна, но репресијата продолжува. Активисти сугерираат дека егзекуциите се одложени по меѓународен притисок, додека бројот на жртви надминал 3.000.
„Невозможно е да имаме точни бројки, но од неколку локации каде што имаме сигурни информации, изгледа дека ќе бидат над 5.000 смртни случаи“, изјави Хади Гаеми – извршен директор во Центарот за човекови права во Иран.
„Не видовме протести во последниве неколку дена во Техеран, но револуционерната гарда внимателно следи кој се движи низ градот и како. Луѓето се плашат да не бидат уапсени. Иранското раководство јасно соопшти дека секој што ќе учествува во антивладините протести, во насилните протести, како што ги нарекува, ќе се смета за терорист и ќе биде соодветно казнет, а некои од овие прекршоци се казнуваат со смртна казна овде во Иран“, изјави Фиби Гаа – дописничка на „ЗДФ“ за Блискиот Исток.
Меѓународната заедница останува загрижена поради кризата во Иран. Повеќе земји ги повикуваат своите граѓани да ја напуштат земјата, откако Техеран привремено го затвори воздушниот простор. Велика Британија ја затвори амбасадата во Техеран, а САД делумно повлекоа сили од бази во Катар. Во меѓувреме, медиумите јавуваат за тајни пораки меѓу Израел и Иран, со посредство на Русија, со кои двете страни се уверувале дека нема први да започнат напад, неколку дена пред избувнувањето на протестите. Советот за безбедност по барање на САД се состанува на брифинг за ситуацијата во Иран.
Бојана Крстевски
