корупција

Жените најпогодени од корупцијата

15.01.2026 16:27

Битката со корупција е жешка тема во речиси секоја земја. Но, истражувањата покажуваат дека и тука има родова разлика. Односно дека почести жртви се жените, од кои многупати се бараат услуги, и против нив моќта се користи како средство на злоупотреба. Дел од надлежните сметаат дека оваа состојба може да се намали доколку жените сè почесто вклучени на раководните позиции...

Корупцијата е сеприсутна, но не ги погодува сите подеднакво. Истражувањето на организацијата „жените за жените“ покажало дека поради постојните родови и социјални нееднаквости, жените почесто се соочуваат со скриени, недоволно препознаени форми на корупција, кои ретко стигнуваат до институциите.

Една од најзагрижувачките појави е сексуалната уцена – форма на корупција во која ваквиот чин се користи како средство за злоупотреба на моќта, најчесто во ситуации кога жените зависат од пристап до јавни услуги, документи или социјална помош.

Во Македонија, оваа појава ретко се регистрира како корупција, иако, според експертите, постои под институционалниот радар.

„Тоа во развиените демократски земји се третира за експлицитен тип на корупција. Еве замислете жена-Ромка од социјално семејство којашто треба да бара услуга на локално ниво некаде, е многу по ранлива од, не знам, во центар или во Скопје кога бараме социјални услуги. Ранлива во смисла на корупција, барање пари, ранлива во смисла на сексуална изнуда, во еден сет на механизми негативни што ги има најчесто оној што е носител на власта“, изјави Гордан Горгиев – политиколог.

Од Државната комисија за спречување на корупција посочуваат дека за ваквите појави да се третираат системски, неопходни се конкретни податоци и докази, а не само перцепции.

„Многу е важно, да го надминеме моментот на мерење на перцепции. Сакаме опиплив материјал, факт, статистика, аргумент, со којшто понатаму ќе можеме соодветно да воспоставуваме механизми коишто ќе вродат со ефект“, изјави Александра Чавдаревска – Државна комисија за спречување корупција.

„Корупцијата придонесува за зголемување на социјалната, културната, политичката и институционалната дискриминација на жените во секојдневниот живот“, изјави Валентина Ѓоргиевска – претседателка на Основен суд Велес.

Како еден од одговорите институциите ја посочуваат потребата од поголемо учество на жени во процесите на одлучување и на раководни позиции.

„Како ќе одиме повисоко со жени вклучени на раководни позиции, нас ќе ни се намалува корупцијата“, изјави Гораст Николовски – Државен завод за ревизија.

Заклучокот од учесниците е дека борбата против корупцијата мора да се темели и на родова перспектива.

Катерина Топалова