Здравство

Сè повеќе заболени од грип, второто полугодие не се пролонгира

15.01.2026 16:47

Бројот на заболени од грип се зголемува, амбулантите се преполни, но и болничките кревети. За една недела се евидентирани над 2.300 новозаболени. Но сепак, второто полугодие нема да се одложи. Надлежните информираат дека состојбата во овој период е очекувана...

Нема да се пролонгира учебната година, оти грипот е со средна активност. Институтот за јавно здравје нема да даде дополнителни препораки оти бројките се очекувани. Во втората недела од годината 2.322 новозаразени, односно за 34 проценти повеќе од минатата во истиот период. На удар децата и граѓаните од 15 до 64 години. Eпидемиолозите апелираат, со стартот на учебната година, децата кои имаат симптоми да останат дома.

Педијатрите со полни раце работа. Грипот ја наполни Детската клиника. Дневно се вршат и до 150 прегледи. Засега нема потешки случаи, но капацитетите се исполнети. Кај најмладите доминира инфлуенца.

Грипот ќе го достигне пикот до крајот на јануари. Според податоците на ИЈЗ од октомври над 6.000 граѓани заболеле од грип. Лекарите велат се зголемува и бројот на хоспитализации, но болничките капацитети не се исполнети. За здравствените власти најдобрата превенција е вакцинацијата, над 79.000 граѓани биле имунизирани против грип.

Викторија Милевска