Свет

Критики и обвинувања во СБ на ООН за протестите во Иран

16.01.2026 08:56

САД ги отфрлија тврдењата на Иран дека протестите биле „странски заговор“ оценувајќи дека ослабениот ирански режим „се плаши од сопствениот народ“...

САД продолжуваат внимателно да ја следат ситуацијата во Иран додека во Советот за безбедност на ОН се одржа итен состанок со тешки критики и обвинувања за смртоносните протести и репресивни мерки од Техеран и отворените опции за напад од Вашингтон.

„Народот на Иран ја бара својата слобода како никогаш досега во бруталната историја на Исламската Република. Невооружени, мирни луѓе излегуваат на улиците во потрага по своите легитимни аспирации за подобра иднина. Претседателот Трамп и САД стојат покрај храбриот народ на Иран“, изјави Мајкл Валц, постојан претставник во Обединетите нации.

„Под празен изговор на загриженост за иранскиот народ и тврдења за поддршка на човековите права, режимот на САД се обидува да се прикаже како пријател на иранскиот народ, а истовремено поставува основа за политичка дестабилизација и воена интервенција. Иран не бара ниту ескалација ниту конфронтација. Сепак, секој чин на агресија ќе биде пресретнат со решителен, пропорционален и законски одговор“, изјави Голамхосеин Дарзи, заменик-постојан претставник на Иран во Обединетите нации.

САД ги отфрлија тврдењата на Иран дека протестите биле „странски заговор“ оценувајќи дека ослабениот ирански режим „се плаши од сопствениот народ“.