Критики и обвинувања во Советот за безбедност на ООН
Критики и обвинувања во Советот за безбедност на ООН за случувањата во Иран. Американскиот претставник го поддржа иранскиот народ по смртоносните протести, додека иранскиот дипломат обвини дека САД ги поттикнуваат немирите и предупреди на „решителен одговор на секоја агресија“.

Иран останува под будното око на САД додека отворени закани, обвинувања и критики ја разгореа салата во Советот за безбедност на ОН во Њујорк. Американскиот претставник го поддржа иранскиот народ по смртоносните протести и репресивните мерки од Техран, додека иранскиот дипломат обвини дека САД ги поттикнуваат немирите и предупреди на „решителен одговор на секоја агресија“.
„Народот на Иран ја бара својата слобода. Претседателот Трамп беше јасен, нема да толерира невини луѓе да бидат масакрирани на улиците. Трамп е човек на дела, а не на празни зборови, тој јасно стави до знаење дека сите опции се на маса за да се запре колежот. И никој не треба да го знае тоа подобро од раководството на иранскиот режим“, изјави Мајкл Валц -постојан претставник во Обединетите нации на САД.
„Под празен изговор на загриженост за иранскиот народ и тврдења за поддршка на човековите права, режимот на САД се обидува да се прикаже како пријател на иранскиот народ, а истовремено поставува основа за политичка дестабилизација и воена интервенција. Иран не бара ниту ескалација ниту конфронтација. Сепак, секој чин на агресија ќе биде пресретнат со решителен, пропорционален и законски одговор“, изјави Голамхосеин Дарзи -заменик-постојан претставник на Иран во Обединетите нации.
САД ги отфрлија тврдењата на Иран дека протестите биле „странски заговор“ оценувајќи дека ослабениот ирански режим „се плаши од сопствениот народ“. Силата не може да ги реши проблемите, а Советот за безбедност не смее да се користи за промена на режими – Русија и Кина ја поддржаа позицијата на Иран.
„Русија нема да дозволи Советот да се користи како инструмент за промена на режими. Состанокот свикан од нашите американски колеги, не е ништо повеќе од уште еден обид да се оправда очигледната агресија и мешање во внатрешните работи на суверена држава“, изјави Василиј Небензја – постојан претставник во Обединетите нации на Русија.
„Веруваме дека Иран има капацитет сам да ги надмине внатрешните тешкотии без надворешен притисок и санкции кои само ја влошуваат ситуацијата. Силата не може да ги реши проблемите; таа само ќе ги направи посложени и потешки. Секој воен авантуризам само ќе го турне регионот во непредвидлива бездна“, изјави Сун Леи – вршител на амбасада на постојаната мисија на Кина во ОН.
Истовремено, во дипломатска акција се вклучија и арапските држави. Саудиска Арабија, Оман и Катар веќе им соопштија на САД дека нема да дозволат нивниот воздушен простор да се користи за напади врз Иран, стравувајќи дека војната би го запалила целиот Блиски Исток.
И покрај напнатото затишје на теренот, евакуацијата на западните дипломати продолжува, додека активистите јавуваат за повеќе од три илјади жртви и илјадници уапсени демонстранти чија судбина останува неизвесна во услови на речиси целосен информативен мрак.
Бојана Крстевски
