Здравство

По празниците повеќекратно зголемен бројот на заболени од грип во Охрид

16.01.2026 13:23

По завршувањето на празнични прослави и зголемениот број туристи, во Охрид рапиден скок на бројот на заболени од сезонски грип. Во втората недела од јануари се регистрирани 202 нови случаи, што е за околу 70 проценти повеќе од лани. Циркулира вирусот инфлуенца а, најзагрозени се најмалите – децата до 4 години...

По празничните забави, прослави и зголемениот број туристи, во Охрид повеќекратно зголемен бројот на заболени од грип. Само во втората недела од јануари регистрирани се 202 нови случаи, што е за околу 70% повеќе од лани.

Според епидемиолозите, во моментов циркулира вирусот на инфлуенца а, а најпогодени се децата, особено на возраст од 0 до 4 години.

„Вака високата бројка на заболени се должи на предновогодишните прослави, собирања, слави и имендените. За време на новогодишните празници имавме голем број туристи и бројни концерти. Имаше многу собирања во затворени простории, децата беа на распуст, изјави Јованка Стурлакова Коровешоска епидемиолог во ЦЈЗ.

Пикот на сезонскиот грип се очекува во првата недела од февруари со враќањето на учениците во школските клупи.

Здравствените власти препорачуваат редовно проветрување на просториите, избегнување групирања, носење заштитни маски кај повозрасните и лицата со хронични заболувања.

„Пикот е секогаш во петтата и шестата недела, што значи почетокот на февруари, првата и втората недела по враќањето на учениците. Тоа е затоа што престојуваат во затворени простории, просториите ретко се проветруваат, училниците, и затоа апелирам дека најдобра превентивна мерка е вакцинацијата“, вели Коровешоска.

На територијата на Охрид и Дебрца, оваа сезона вакцинирани се 3.300 лица, што е 1.200 лица повеќе во споредба со лани.

 

Соља Рилковска