Гренланд

САД не се откажуваат од идејата за преземање на Гренланд

16.01.2026 15:17

САД не се откажуваат од идејата за преземање на Гренланд и покрај јасните пораки од островот, Данска и Европската унија. Дипломатските разговори продолжуваат, додека европските сојузници го засилуваат присуството на островот. Русија предупредува на можни тензии...

Состанокот меѓу високите претставници на САД, Данска и Гренланд бил продуктивен, но испраќањето европски трупи нема да влијае на ставот на претседателот Трамп за присвојување на островот-став на Белата куќа. Страните се договориле да основаат работна група која ќе продолжи да води технички разговори за аквизицијата на Гренланд на секои две до три недели.

„Претседателот сосема јасно го стави до знаење својот приоритет-тој сака сад да го добијат Гренланд и смета дека тоа е најдобро за националната безбедност. Не мислам дека војниците од Европа влијаат врз процесот на донесување одлуки на Трамп, ниту пак, влијаат на неговата цел за стекнување на Гренланд“, изјави Каролин Левит, портпаролка на Белата куќа.

Данските и гренландските власти ги предупредија САД да не го заземаат островот. Граѓаните очекуваат почитување на нивниот територијален интегритет.

„Гренланд му припаѓа на гренландскиот народ. Тоа е нешто за кое сите гренландски партии се согласија, знаете, да го прикажат како порака до светот во основа. Затоа, би апелирале да го продолжиме овој дипломатски дијалог што е започнат сега“, изјави Јуно Бертелсен, пратеник во Гренланд.

Од Брисел ја повторија поддршката за островот, нагласувајќи дека безбедноста на Арктикот е клучно прашање за НАТО, додека војници од Франција, Германија, Шведска, Норвешка пристигнаа на островот во поддршка на данскиот суверенитет.

„Гренланд може да смета на нас политички, економски и финансиски. А кога станува збор за неговата безбедност, дискусиите за безбедноста на Арктикот се пред сè клучно прашање на НАТО. Затоа ќе продолжиме да работиме на безбедноста со нашите сојузници, партнери, вклучувајќи ги и САД“, изјави Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

Од Кремљ велат дека се сериозно загрижени за НАТО-трупите на Гренланд, оценувајќи дека тоа се прави под лажен изговор за наводно зголемени закани од Русија и Кина.

 

Катерина Бојаџиева