Нутриционист ќе ги изготвува менијата на основците од општина Кисела Вода
Целта на овој проект е единствена- преку здравата исхрана да му овозможиме здравје на детето, изјави нутриционистот Тања Турунџиева...

Стартува нов проект низ училиштата во општина Кисела Вода кој има за цел подобрување на исхраната на учениците во училиштата- објави денес на прес конференција градоначалникот на општината Билјана Беличанец-Алексиќ.
„По завршувањето на тендерската постапка за избор на сите фирми за подготовка на храната во училиштата, општина Кисела Вода даде иницијатива , во изготвувањето на храната да биде вклучен и консултиран нутриционист, како на учениците би им се понудиле квалитетни менија“, истакна градоначалникот Беличанец-Алексиќ.
Додаде дека очекува дека оваа избалансирана исхрана ќе го поттикне имунолошкиот систем кај децата, што е посебно значајно во периодов, кога се соочуваме со најразлични заразни болести.
Целта на овој проект е единствена- преку здравата исхрана да му овозможиме здравје на детето, изјави нутриционистот Тања Турунџиева.
„Новоизготвениот режим на исхрана во себе ќе содржи многу повеќе свежо овошје, зеленчук и македонска кујна која е специфична за овие простори. Направивме промени во однос на сите оние нутритивни состојки кои го тревожеа организмот на детето и не му дозволуваа правилно да се развива“, нагласи Турунџиева.
