Оскаровката Жулиет Бинош специјална гостинка на „Браќа Манаки“

09.09.2014 14:10

Ќе и биде врачена специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност...

Филмскиот фестивал Браќа Манаки од година в година содржински се збогатува, но и донесува ексклузивни гости. Во последните шест години на овој престижен фестивал гостуваа големи филмски sвезди како Мики Манојловиќ, Дерил Хана, Кетрин Денев, Изабел Ипер...

Оваа година специјална госитнка на „Браќа Манаки“ е филмската дива Жулиет Бинош. На фестивалот ќе и биде врачена специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност, а нејзиниот престој во Македонија се поклопува со светската премиера на филмот „Облаците на Силс Марија“ кој е напишан специјално за неа од страна на режисерот Оливие Асаја.

Со овој филм ќе биде отворено и годинашното издание на фестивалот. Покрај Бинош, во филмот играат и Кристијан Стујарт и американската актерка Клои Грејд Морец.

Оскаровката Жулиет Бинош е една од познатите светски актери. Ја нарекуваат ѕвезда од двете страни на океанот. Има снимено 58 филмови и освоено 28 награди меѓу кои Канската палма, Венецијанскиот лав, Берлинската мечка, како и наградите од Европската филмска академија. Има глумено со Џони Деп, Семјуел Л. Џексон и многумина други. Позната е и по својата хуманитарна работа, најмногу со организацијата „Деца од Азија“, а дава поддршка и на „Репортери без граница“.