Зголемена квотата за вработување на странски работници
Владата ја големи квотата за странски работници, одобри дополнителни 10 илјади работни дозволи. Бизнисот задоволен, вели, во услови на недостиг од кадар има интерес за ангажман на работна сила од странски земји. Од СДСМ велат дека планот за таканаречените економски работници се реализира...

10 илјади странски работници годинава ќе бидат дел од македонскиот бизнис. Владата ги одобри квотите. Најголем интерес има од работници од Бангладеш, Непал, Индија, Кина, Филипини, Турција. Бизнис секторот подолго време предупредува дека недостигот на работна сила е сериозен проблем во градежништвото, преработувачката индустрија, угостителството и трговијата.
„И покрај тоа што вработувањето на странска работна сила носи свои лоши страни сепак гледајќи ја околината и другите држави нема друг начин да се надомести недостигот на работна сила освен да се вработат странци. Друго е прашањето со расчистување на списокот на невработени во нашата агенција за вработување. Која покажува 90 илјади невработени дали е тоа реално и зошто не се јавуваат на огласите за вработување“, вели Ангел Димитров – претседател на Организација на работодавачи.
И лани во земјава работеа 8.500 странски државјани, некои ја напуштиле, но многумина кои биле ангажирани во хотели, ресторани, градежништво се задоволни од условите.
„Во текот на 2025 година од страна на министерството за внатрешни работи се евидентирани 166 странски државјани кои ја напуштиле државата, а во државата биле со статус привремен престој по причина на вработување, од нив 129 се државјани од Бангладеш, 34 од Непал и тројца од Индија“, Гоце Андреевски – портпарол на МВР.
Најголем дел од странците – 9750 ќе бидат редовно вработени, 200-те дозволи се за упатени странци, 50-тина за сезонски работници.
Андријана Ѓурческа
