Законот против пушење е рестриктивен, велат угостителите
Прилепските угостители со законот за работно ангажирање лица ќе го решат проблемот со недостиг од 40 проценти од кадарот, ама сакаат да се слушнат нивните предлози во јавната расправа за законот против пушењето.

Угостителите се недвосмислени – Законот против пушењето е рестриктивен, но во јавната расправа треба да се слушнат и нивните ставови и предлози. Да има лиценци за оние што ќе обезбедат услови за пушачите.
Предлог-законот не е удар по угостителството, туку заштита на правото на здраво работно место, велат од Министерството за здравство. Пушењето е личен избор, но заедничкиот затворен простор не смее да биде место каде тој избор се претвора во ризик за здравјето на другите.
„Предлог-законот ја третира изложеноста на тутунски чад како прашање на безбедност и здравје при работа, а не како прашање на животен стил. Во угостителските објекти, токму персоналот е најдолго и најинтензивно изложен на чад од цигари и други тутунски и никотински производи, поради што државата има јасна обврска да го заштити правото на вработените на здрава и безбедна работна средина“, стои во соопштението од Министерството за здравство.
Во Прилеп се преку 80 угостителски објекти со околу 600 вработени.
Елизабета Митреска
