Ригорозен закон за пушење, без интерес за одвикнување
Повеќе од една година ниту еден пушач не побарал помош за откажување од оваа штетна навика во советувалиштето за откажување од пушење во ЦЈЗ Битола. Лекарите советуваат-најдобар начин за откажување од пушењето е психолошка поддршка во комбинација со таблетарна терапија. Надлежните се надеваат дека новиот закон ќе ја промени свесноста кај граѓаните, тие пак со поделени ставови, дел веќе размислуваат како да се откажат, дел велат дека нема да ги променат своите навики.

По најавата за воведување на новиот закон за пушење, кој предвидува строги ограничувања и ригорозни казни, граѓаните сè почесто се соочуваат со прашањето – дали е време да се откажат од цигарите. Иако законските измени имаат цел заштита на јавното здравје-податоците од Центрите за јавно здравје покажуваат загрижувачки факт, во советувалиштето за откажување од пушењето во Центарот за јавно здравје Битола, повеќе од една година, ниту еден пушач не побарал помош за одвикнување од оваа штетна навика.
Пушењето е тешка зависност која е предизвикана од никотинот, додека катранот и другите супстанции најчесто предизвикуваат рак на белите дробови, околу 7.000 штетни супстанции се детектирани во чадот на цигарите, кој покрај за пушачите, е штетен и за оние кои престојуваат во простории каде се пуши, или каде претходно се пушело.
И додека здравствените работници апелираат за поголема свесност и одговорност, граѓаните имаат поделени мислења. Дел од нив сметаат дека новиот закон ќе биде поттик за откажување, други се сомневаат дека ќе влијае врз нивните навики.
Советувалиштето во Битола е едно од 10-те во Македонија, кое располага со опрема и кадар, и нуди бесплатна помош за оние кои сакаат да го направат првиот чекор кон поздрав живот.
Александра Максимовска
