ИЈЗ

ИЈЗ со загрижувачки податоци за пороците кај младите

17.01.2026 13:18

Истражувањето на Институтот за јавно здравје покажува дека една третина од малолетниците во земјава пробале цигара, голем дел од нив консумирале алкохол. Дури секој четврти ученик се изјаснил дека се коцкал за пари.

Секој четврти средношколец се коцкал за пари, покажа извештајот на Институтот за јавно здравје. Младите се коцкале и во живо и онлајн. Она што загрижува е што бројките се зголемени во однос на пред пет години. Дел од луѓето со кои поразговаравме, причината за ова ја лоцираат во стресот, и во недоволната информираност за штетните последици.

Проблем не е само коцката. 28,5% од анкетираните ученици изјавиле дека своето прво искуство со алкохол го имале на 13 години или помалку. 71,4% од учениците се согласиле дека поминуваат премногу време на социјалните мрежи.

Анкетата беше спроведена во 96 средни училишта во земјава, опфатени беа 2.831 ученик.

Истражувањето објавено пред крајот на минатата година покажува дека и 33 проценти, односно една третина од учениците барем еднаш во животот запалиле цигара.

Ана Јосифовска