Груевски- Милановиќ: Одлична билатерална соработка меѓу Македонија и Хрватска
Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ е во работна посета на државава. Во владата оствари средба со својот домаќин, премиерот Никола Груевски. Во фокусот на разговорите- билатералната соработка меѓу двете држави и евроинтегративните процеси.

На средбата било констатирано е дека помеѓу Република Македонија и Република Хрватска владеат одлични билатерални односи кои континуирано се развиваат и се карактеризираат со долгогодишна соработка и пријателство во сите области од заемен интерес, но можат економски да се продлабочат.
„Разменивме многу искуства, како во делот на економијата, така во делот на патот кон Европската унија и се разбира во политичкиот дел. Можам да кажам дека ние и досега и во иднина ќе ја сметаме Хрватска за пријател на Македонија. Хрватска исто така нас не чувствува како нејзин пријател и ќе продолжиме да работиме на понатамошно одржување на одлични политички односи“, изјави премиерот Никола Груевски по средбата.
Премиерот Милановиќ меѓу другото посочи дека мора да биде надмината блокадата на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ.
„Кога е во прашање политиката која со години на Македонија не ја пушта во НАТО, па и го отежнува влезот во Европската унија, тука ние можеме да и бидеме само пријател на Македонија, да зборуваме и потсетуваме дека оваа состојба мора да престане. Ги разбираме проблемите и стравовите на некои држави, но историјата е нешто што не може да се менува. Живееме во сегашноста. Република Македонија е мала држава која не е закана за никого“, потенцира хрватскиот премиер, Зоран Милановиќ.
Хрватскиот премиер беше примен и од претседателот Ѓорге Иванов.
