Идентитетот и туризмот во фокусот на конференцијата „Охрид – Водици 2026“
На 14-тата Меѓународна конференција „Охрид – Водици 2026“ научници од 15 држави дебатираат за значењето на културното наследство, идентитетот и одржливиот туризам и дигиталната безбедност. Научната фела смета дека Охрид сè уште го нема заслуженото место.

Секоја земја треба да најде начин преку промоција на својата историја, културно наследство и идентитет да привлекува што е можно повеќе туристи, е пораката на експертите на 14-та по ред Меѓународна конференција „Водици 2026“ во Охрид.
Охрид е простор каде културниот идентитет се градел со векови и денес опстојува како живо наследство, но градот сè уште нема заслуженото место на меѓународната сцена.
„За жал, Охрид во последните 20-30 години на некој начин се маргинализира од местото што го заслужи. Град на УНЕСКО, под заштита на УНЕСКО, ние имаме проблеми со егзистенцијата на градот, со загрозување на културното наследство, со идентитетот, со егзистенцијата“, вели Рубин Земон организатор.
„Како на младите луѓе им се претставува тоа историско наследство, на социјалните мрежи, вештачката интелигенција – тоа се големи предизвици“, вели Селма Мухиќ од Карловиот Универзитет во Чешка.
„Да се разбираме, да работиме заедно да се чуваат обичаите на народите од двете страни на границата. Не толку е важна политиката, колку луѓето“, вели Јулија Попчева од Република Бугарија.
Според научната фела, во насока на заштитата на богатото културно и историско наследство, Охрид мора да се насочи кон одговорен и одржлив туризам.
„Луѓето сакаат одговорен туризам, делумно знаат, сакаат да има стратегија за развој на туризмот, знаат дека тоа е основно нешто за да тоа биде одржливо, дури прифаќаат и некои ограничувачки мерки за регулирање на посетеноста, за да има туризмот иднина“, вели Нина Кепеска, докторант по туризам.
На 14-тата меѓународна конференција „Охрид – Водици 2026“ годинава се презентираат околу 70 научни трудови од 90 учесници од 15 држави.
Соња Рилковска
