Климатски промени

ЕУ воведува строги правила против загадувањето

18.01.2026 15:03

Додека светот се соочува со сè поекстремни климатски последици, Европската Унија воведува построги правила за загадувањето. Од оваа година тие важат и за Македонија. Нови закони, јаглеродни давачки и јавен мониторинг на индустриските емисии – што значи тоа за државата, за индустријата и за граѓаните?

Додека кај нас температурите се зимски, светот повторно гори. Илјадници хектари шума изгореа во Австралија и Аргентина, а екстремните горештини уште еднаш ја вратија темата за климатските промени на врвот на глобалната агенда. Токму поради ваквите последици, земјите во светот веќе не се потпираат на доброволни мерки, туку воведуваат задолжителни правила и финансиски санкции за загадувањето. Европската Унија од оваа година воведе јаглеродни давачки за индустријата и за увозот, а тие правила важат и за Македонија.

За да не плаќа јаглероден надоместок во странство и да не ја загуби конкурентноста на домашната индустрија, државата најавува забрзување на законските реформи и построга контрола на индустриските емисии.

„Нема да биде оваа мерка на хартија, но ќе биде голем предизвик и за институциите, како и за индустриските капацитети. Ќе треба да се донесат нови закони, некои да се изменат, некои веќе се донесоа, како што е новиот Закон за контрола на индустриски емисии. Треба да се донесе и новиот Закон за климатски промени. Ќе има преодни рокови за да можат индустриските капацитети да се прилагодат“, изјави директорка на Државниот инспекторат за животна средина.

Новите правила значат дека компаниите од енергетиката, цементната, металната и хемиската индустрија ќе мора да плаќаат за секој тон јаглерод диоксид што го испуштаат. Во спротивно, јаглеродниот надоместок ќе го плаќаат при извоз во Европската Унија – пари што наместо да останат во државниот буџет, ќе одат надвор од земјата.

Во спроведувањето на овие мерки, Инспекторатот ќе се потпира и на искуството на европските земји.

„Ние како Инспекторат ќе имаме помош од ИМПЕЛ мрежата, во која сме член од 2005 година. Тоа ќе ни биде од големо значење, затоа што таму се сите европски инспекторати кои веќе ги применуваат овие законски одредби“, изјави Ивана Гиновска.

Новата регулатива предвидува мерењата на загадувањето да не ги врши инспекторатот, туку акредитирани лаборатории, со јавен мониторинг 24 часа на ден. Податоците ќе бидат достапни во реално време, што значи дека граѓаните ќе можат сами да ги следат концентрациите на ПМ10, ПМ2,5 и другите индустриски емисии.

Од институциите уверуваат дека ваквата транспарентност треба да ја намали недовербата кај јавноста, но и да го олесни притисокот врз инспекциските служби, во период кога климатските правила стануваат и еколошка и економска обврска.

 

Катерина Топалова