Обичаи и верувања за Богојавление-Водици
Ден пред големиот христијански празник Богојавление. Традиционално утре верниците ќе скокаат по светиот крст. Дел од обичаите останаа, но други исчезнаа.

Ден пред големиот христијански празник Богојавление-Водици. Традиционално и годинава ќе се освети водата, за која се верува дека е лековита и чудотворна. Точно на полноќ верниците замислуваат желба. На овој ден во дел од регионите постои обичај и храната да се подготвува со осветената вода. Домаќинките готват пивтии и погачи. Но и за овој празник, дел од обичаите останале, а има и такви кои веќе се изумрени.
„Секој од верниците оди и си носи дома, пие на прагот или застанат на секирата за да биде здрав како челик, ја прскаат куќата за здравје и за среќа, ги прскаат нивите, лозјата, свекрвата новата снаа во куќата и се верува дека ја чуваат цела година и се верува за оваа вода дека има голема лековита моќ со коишто се лекувале и болните“, истакна Анита Стојчевски, советник кустос, етнолог Музеј Куманово.
Со Водици завршуваат некрстените денови односно периодот кога биле присутни злите сили.
Бог се јави, навистина се јави, е поздравот кој ќе се слушне на празникот за кој се верува дека е меѓу позначајните, по Божиќ и Велигден.
По Богојавление, следува празникот Свети Јован, кој се смета за заштитнички на кумството и побратимството. Во кумановскиот регион многу семејства го празнуваат како домашна слава. Главни обележја на овој ден се славскиот колач, свеќата и пченицата. Станува збор за последниот од циклусот зимски празници.
Елена Георгиевска
