Охрид

Локалитетот „Манчевци“ крие вредни мозаици

25.01.2026 14:26

Заводот и музеј од Охрид за годинава планира реализација на повеќе проекти, со што ќе се подобри презентацијата на македонското културно наследство. Најзначаен меѓу нив е археолошкиот комплекс „Манчевци“ во кој се откриени можеби најсочуваните и најубави мозаични површини...

Носечки проект во годинешната програма на охридскиот Завод и Музеј ќе биде археолошкиот локалитет „Манчевци“ кој се наоѓа во срцето на старото градско јадро. Тимот предводен од археологот Бојан Танески во текот на досегашните истражувања откри непроценливо археолошко богатство, кое е од огромно значење за градот и Македонија. Процесот на откривање е сложен, бидејќи во тек е експропријација на дел од просторот.

„Таму се откриени многу значаен ранохристијански комплекс, кој содржи и крстилница, и придружни објекти со многу богати мозаици, добро зачувани мозаици. Наша интенција е да се доистражи и да се ревитализира просторот, да се поврзи како еден комплекс“, изјави Горан Патчев, директор на Завод и Музеј Охрид.

Со цел да се овозможи подобра презентација на културно историското наследство до почетокот на летото се очекува внатрешноста на Самуиловата тврдина да добие нов лик.

„Таму покрај доистражувањето археолошко кое ќе треба да го завршиме, ќе направиме едно партерно уредување. Возобновување на летната сцена, формирање на сувенирница, патеки, осветлување, соодветно одбележување на просторот, како би тој простор бил привлечен за туристите“, додаде Патчев.

Во годината кога охридскиот Завод и Музеј го одбележува јубилејот 75 години од основањето од таму најавуваат повеќе богати содржини, меѓу кои ќе бидат повторното отворање на „Златната соба“, промоции и изложби.

Сашо Нелоски