Мицкоски со честитка по повод големиот празник Богојавление – Водици
По повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, упати порака во која го истакна длабокото духовно и општествено значење на овој празник...

По повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, упати порака во која го истакна длабокото духовно и општествено значење на овој празник. Како што нагласи, Водици претставува симбол на откровение, прочистување и духовна обнова, вредности кои, според него, се исклучително важни и за поединецот и за целото општество.
Мицкоски посочи дека водата, како извор на живот, носи силна симболика и потсетник за потребата од духовна, морална и човечка чистота. Тој истакна дека токму ваквите празници нè потсетуваат дека без искрени вредности, чесност и внатрешна сила, не може да се изгради стабилно и праведно општество.
Според него, Богојавление – Водици испраќа моќна порака за верата, храброста и подготвеноста да се чекори по исправниот пат, дури и тогаш кога тој е тежок и исполнет со предизвици. Осветувањето на водите и традиционалното фрлање на Светиот крст, како што рече Мицкоски, не се само обичен ритуал, туку жив симбол на доверба, пожртвуваност и надеж во подобро утре.
На крајот од пораката, Мицкоски им посака на сите граѓани Богојавление – Водици да донесе духовна сила, трпение и мудрост. Тој повика да се остане верен на вредностите што ги држат луѓето исправени и обединети, нагласувајќи дека државата може да се гради и напредува само со чесност, солидарност и искрена грижа за заедничкото добро.
