Шпанија

Расте бројот на загинати во тешката железничка несреќа во Шпанија

19.01.2026 11:07

Шпанија во шок по најтешката железничка несреќа во последната деценија откако два брзи воза се судрија кај градот Адамуз, близу Кордоба. Бројот на жртви расте, над 150 се хоспитализирани, додека лекарите се борат за животот на десетици повредени, меѓу кои и деца. Семејствата во неизвесност ги бараат најблиските.

Шпанија во шок по најтешката железничка несреќа во последната деценија откако два брзи воза се судрија кај градот Адамуз, близу Кордоба. Бројот на жртви расте, над 150 се хоспитализирани, додека лекарите се борат за животот на десетици повредени, меѓу кои и деца. Семејствата во неизвесност ги бараат најблиските.

„Ситуацијата е комплексна. Има два воза на пругата службите за итни случаи сè уште работат. Луѓето се нервозни, што е логично и нормално во овие моменти, ги бараат своите членови на семејството или пријатели кои можеби биле во истиот воз. Се е некако хаотично. Не беше лесно да се пристапи до местото, бидејќи несреќата не се случи на станица, туку во средина на поле“, изјави Ињиго Вила, директор за итни случаи во шпанскиот Црвен крст.

Едниот воз на приватна компанија патувал од Малага кон Мадрид кога излетал од шините и преминал на спротивните пруги, судирајќи се со друг воз на државната фирма „Ренфе“ што доаѓал од спротивната насока. Ударот бил толку силен што последните вагони на првиот воз се претвориле во куп железо.

„Ова е крајно необична и страшна несреќа. Пругата е на рамен дел и неодамна беше комплетно реновирана, а првиот воз е речиси нов, произведен пред само четири години. Истрагата ќе биде долга и темелна за да откриеме како дошло до ова излетување кое предизвика ваков масакр“, изјави Оскар Пуенте, министер за транспорт на Шпанија.

Во моментот на несреќата во двата воза имало околу 500 патници. Очевидци сведочат за хоророт.

„Забележавме ненадејно сопирање, немавме време да реагираме кога, за дел од секундата, дојде уште еден многу посилен удар, што предизвика куфери, облека и луѓе да бидат расфрлани низ целиот вагон“, рече Хорхе, патник во возот Алвија од Мадрид.

„Ударот беше ненадеен, светлата се изгаснаа. Седев на последните седишта од вагонот и ме фрлаа наоколу, не знам колку пати се превртев, не знам како се удрив во грбот, имаше луѓе што врескаа. Сите куфери паднаа врз главите на луѓето“, рече Монтсе Руиз, патничка.

Додека форензичарите работат на идентификација на жртвите, Шпанија се подготвува за најтажниот понеделник во поновата историја. Кралот и премиерот изразија сочувство. Санчез прогласи денови на национална жалост, нарекувајќи го овој настан „ноќ на длабока болка“.

Официјалната причина сè уште не е позната. Шпанските власти започнаа истрага, но велат дека не очекуваат резултати пред најмалку еден месец. Железничкиот сообраќај меѓу Мадрид и југот на Шпанија е во целосен прекин, што влијае повеќе од 200 возови и илјадници патници.

Бојана Крстевски