Паѓаат цените на становите и на дуќаните во трговските центри
Констултантската компанија Фортон Македонија ја објави новата анализа – дава детален преглед на пазарот на недвижности во главниот град.

Во Аеродром, Карпош и Чаир ќе паѓаат цените на становите. На пазарот има зголемена понуда која притиска за надолната корекција. И покрај ова, граѓаните велат дека тешко доаѓаат до пари, пред сè, како резултат на строгите политики за банкарско кредитирање.
„Низок е стандардот, а тешки се условите да се земе кредит“
„Со нашата плата нема шанса да се купи стан“
„Треба да се собираат пари и повеќе од 10 годни за да се купи стан“ , велат граѓаните.
Пред да се решат за купување, граѓаните ги одредуваат приоритетите. Во прв план е цената, а дури потоа локацијата и квалитетот на градбата. Најскапи се становите во Центар, во просек 1.200 евра за квадрат, 1.080 евра е квадрат во Карпош, 930 во Аеродром, 890 во Кисела Вода. Од Фортон очекуваат, со падот на цените да олабават и банкарските критериуми.
„Во нашето опкружување, критериумите на банките се многу пофлексибилни, и во однос на каматните стапки и во однос на условите што треба да ги исполнат граѓаните. Ова е главниот проблем што влијае на ливкидноста. Ако банките се пофлексибилни, ќе се раздвижи целиот пазар на недвижности“ , изјави Влатко Богоевски, генерален менаџер на Фортон Македонија.
И покрај тоа што има зголемена понуда на локации во деловните центри, повисоката економска активност гарантира стабилна побарувачка и добар бизнис. Во трговските центри, пак, се уште има слободен простор. Во моментов, за да земете дуќан на атрактивна локација во трговските центри ќе треба да платите и до 40 евра од квадратен метар. Но, во претстојниот период, цените ќе продолжат да паѓаат, особено во ГТЦ, каде што според анализата на Фортон, 30 проценти од дуќаните стојат празни.
Во пресекот за првата половина од годинава, стои дека 47 проценти од завршените станови останале непродадени, иако просечната цена се намалила за 2,4 насто.
Мартин Пушевски
