ОЈО ГОКК

Отворена постапка против апелацискиот судија Ѓоко Ристов

19.01.2026 12:59

Отворената постапка против апелацискиот судија, Ѓоко Ристов, ја разбранува јавноста. Во проширената истрага за корупција пронајдени се 350 илјади евра во ѕидот на куќата на родителите на судијата. Судијата има имунитет, се чекаат следните чекори на надлежните. Постапката против Ристов е дел од проширената истрага која почна од адвокатот и поранешен правобранител Фехми Стафа, за подмитување на судија во апелација во име на обвинетиот бизнисмен Љупчо Пецов.

Апелацискиот судија Ѓоко Ристов се соочува со кривично дело противправно стекнување и прикривање имот откако во домот на неговите родители во Неготино, во ѕид се пронајдени 350 илјади евра. Од МВР посочуваат дека акцијата била спроведена по барање на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и по наредба на судија на претходна постапка.

За апелацискиот судија од Обвинителството велат дека засега не е баран притвор, тој ужива и имунитет. Не побарала ниту ваква ниту друга мерка и дека судијата Ристов не е задржан од надлежните органи.

„Јавниот обвинител ги цени сите околности и во краток рок ќе одлучи дали ќе предложи мерки за обезбедување на присуството на осомничениот, за што јавноста ќе биде навремено информирана, велат од Обвинителството.

Доколку Обвинителството побара мерка притвор ќе мора да заседава Судскиот совет затоа што само тој може да му го одземе имунитетот. За таква одлука ќе бидат потребни седум од 13 гласа бидејќи иако со 15 члена во Советот, само 13 се со право на глас.

Според Законот за Судски совет, постапката за одземање имунитет се спроведува во рок од 24 часа по поднесеното барање и за дело за кое е пропишана казан затвор од 5 години. Од Обвинителството посочуваат дека ова е продолжение на истрагата од 14-ти декември во која осомничен беше поранешен државен правобранител и адвокат, Фехми Стафа, за примање поткуп од 50 илјади евра што ги зел од сестрата на Љупчо Пецов - Ѓаволот за случајот „Синџир“, за да влијае на Апелацискиот суд да не оди во затвор, после што Пецов сам се пријави и доби куќен притвор.

Фиљана Кока