Николоски: Автопатот Охрид – Кичево ќе биде завршен до крајот на годината
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, денеска од Охрид порача дека интензивно се работи на автопатот Охрид-Кичево и дека тој ќе биде завршен до крајот на годината. Рокот може да биде продолжен за три месеци само доколку временските услови се неповолни, рече тој...

Ветувањето дека автопатот Охрид-Кичево ќе биде изграден до крајот на годината останува. Но, сепак не можеме да ги предвидиме временските услови, бидејќи минатата есен беше многу врнежлива, поради што може да се одложи пуштањето во употреба на автопатот наместо во декември во март. Ова во Охрид го изјави министерот за транспорт и врски Александар Николоски, при што посочи дека најголем проблем се косините каде што можат да се создадат свлечишта, што е резултат на тоа што немало проекти, како и геолошки и геотехнички истражувања“.
„Сега имаме проекти за шеснаесет свлечишта, од коишто четиринаесет ги стабилизираме. Најголем дел се со галерии, едната е веќе готова, кај селото Извор, втората почнува да се работи, а очекувам до пролетта веќе три да се целосно завршени“, изјави Николоски.
Најголемиот проблем е кај селото Ботун, целата планина буквално се спушта таму, рече Николоски. Поради тоа, таму ќе се оди со стабилизации коишто ќе одат внатре во земја четиринаесет до дваесет и еден метри, висина како зграда од четири до пет ката, со најмодерни техники што се дел од инженерскиот систем.
Сашо Нелоски
