Православните христијани го празнуваат Богојавление – Водици
Православните христијани во Македонија празнуваат. Денеска е Богојавление – Водици, ден кога според верувањата, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Централната манифестација се одржа во Скопје – најсреќен од оние кои влегоа во студените води на Вардар беше Дарко Митровиќ. Верниците се заложија за нов почеток, ослободени од старите гревови.

Православните христијани од Македонија го празнуваат Богојавление – Водици, денот кога пред два милениуми, во водите на Јордан, Свети Јован Крстител го крштевал Синот Божји, Исус Христос.
Во Македонија, земјата на првите христијани во Европа, денешниот празник, од година во година, се празнува се помасовно. Верниците ширум земјата, од рано изутрина излегоа да го проследат положувањето на светиот крст во македонските води, езера и реки, а така беше и во Скопје, каде точно напладне, од овде, од мостот слобода, поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, го положи светиот крст во водите на нашата древна река Вардар.
Студените, надојдени и брзи води не ги спречија околу 160-те скопјани да учествуваат во вековната традиција. Прв до крстот стигна 24-годишниот скопјанец, Дарко Митровиќ.
Мир, љубов, здравје и благосостојба, ова е она што православните верници си го посакуваат на овој голем празник, со кој се заокружува циклусот на зимските празнувања.
Православните христијани кои влегуваат во водите на реката, тоа да го прават со соодветна подготовка, бидејќи водата е студена, а температурите значително пониски.
Марија Котовска
