Успешно изведена сложена операција на срце во државната кардиохирургија
Постојаното едуцирање на лекари од Клиничкиот центар во светските клиники и соработката со врвни специјалисти создадоа екипи кои веќе извршуваат и најсложени зафати. Во Заводот за рехабилотација од кардиоваскуларни заболувања во Охрид во моментов е и Ладе Атанасовски од Делчево кој одбра своето срце да им го довери на кардиолози од Клиничкиот центар во Скопје.

60 годишниот Ладe Атанасовски од Делчево извесен период чувствувал проблеми со здравјето, но не бил свесен дека се работи за срцева болест, односно за коронарна артеросклероза која можела сериозно да му го загрози животот. По дијагностицирањето на болеста, размислувал каде да се оперира, но сепак се решил за државната кардиологија при Клиничкиот центар во Скопје.
„Отидов во Скопје, се мислев дали во Систина дали во Воена болница и се одлучив за Државна болница кај овие тројца експерти од Дедиње, цел тим и исто експерти од државна болница ме земаа“, рече Ладе, пациент од Делчево.
На оваа клиника и досега се извршени повеќе успешни зафати и на потешки срцеви заболувања. Операцијата на Ладe е извршена од наши лекари со помош на специјалисти од Србија. Исходот од зафатот бил над очекувањата.
„Била поставена индикација за хируршка реваскулатозација односно бајпас операција и пациентот се одлучил истата да биде направена на државната кардиохирургија каде што е направен трострук бајпас и пациентот во општо добра состојба е дојден кај нас да продолжи со процесот на кардиоваскуларна рехабилитација кои треба да ги установи неговите максимални преостанати функции и капацитет и да му овозможиме на пациентот да се врати во нормален живот“, истакна др. Гордана Коњановска, специјалист по физикална медицина и медицинска рехабилитација Охрид.
Македонското здравство овозможува комплетно лекување и рехабилитација од ваков тип заболувања. И Ладe Атанасовски во моментов ги користи условите за продолжено лекување во Охрид.
Заводот Св. Еразмо во Охрид за рехабилитација на кардиоваскуларни заболување практично е најстариот и единствениот во нашата држава кој работи веќе 30 години.
Атанасовски заедно со другите рековалесценти овде се опоравуваат под надзор на врвни стручњаци од разни области.
„Да ги пофалам сите, да ги пофалам бидејќи сега се осеќам одлично, немам болки, се движам“, рече Ладе од Делчево.
Обуките на нашите лекари во врвните светски клиники како и практиката со специјалисти од светот кои доаѓаат во Клиничкиот центар во Скопје, овозможува да се формираат стручни специјалистички екипи кои успешно се справуваат со вакви и многу по комплексни заболувања.
Јованчо Наумоски
