Охрид

Безбедноста во воздушниот сообраќај на повисоко ниво

09.09.2014 16:31

Зајакнувањето на соработката помеѓу воздухопловните власти и правосудните органи, како и интензивирањето на соработката во рамките на меѓународните организации во однос на зајакнувањето на безбедноста е целта на регионалната работилница што се одржува во Охрид. Таквата политика произлегува од одлуката на привремениот совет на Еуроконтрол, со која се предвидува креирање политики за развој на воздухопловството врз основа на таканаречениот концепт за безбедност.

Спротивно на вообичаената практика и човечката природа да се прикриваат личните и системските грешки во работењето, надлежните институции за цивилна воздушна пловидба во регионот ќе воведуваат практики на стимулирање на спротивното, се со цел да се зајакне безбедноста во тој вид сообраќај. Тоа според претставниците за безбедност при Еуроконтрол ќе придонесе за навремено преземање на мерки за нивна корекција и избегнување на било какви опасности во воздушниот сообраќај.

„Целта е да се создаде избалансиран систем во кој од една страна ќе се стимулира грижата за професионалноста во работењето и од друга страна да не се користат казнени мерки против оние што пријавиле системски грешки во нивниот секојдневен работен ангажман што ќе придонесе за зајакнување на безбедноста“, рече Раду Чапонеа, постар експерт за безбедност при Еуроконтрол.

На состанокот се разговараше за можностите за зајакнување на координацијата на институциите од регионот, особено помеѓу националните воздухопловни власти и правосудните органи.

„Како што знаете имаме извонреден успешен проект, односно отворање на косовското небо каде што повеќе земји од регионот учествуваа во овој проект и имаме околу 20 проценти зголемување на воздушниот сообраќај во насока на подобрување на самиот квалитет на давање на услуги“, изјави Дејан Мојсоски, генерален директор на Агенцијата за цивилна воздушна пловидба на Р.Македонија.

На работилницата учествуваат претставници на националните агенции за цивилна воздушна пловидба и на правосудните органи од девет држави од регионот и Европската организација за безбедност на воздушната пловидба-Еуроконтрол.

Сашо Нелоски