Трамп ќе разговара за Гренланд во Давос
Американскиот претседател доаѓа на Светскиот економски форум во Давос за да разговара за Гренланд. Трамп не очекува голем притисок од Европа, откако викендов се закани со царини за земјите кои се противат на американска контрола врз островот. Повеќе дански борбени трупи пристигнаа во Гренланд за зимска обука во услови на зголемени тензии со САД. ЕУ в четврток на вонреден самит ќе разговара за тоа како да одговорат на најновата закана на Трамп за преземање на Гренланд...

Судбината на Гренланд – тест за сојузништвата. Арктичката територија со денови е тема број еден поради напорите на претседателот Трамп за американска контрола. Шефот на Белата куќа вели дека не очекува премногу отпор кон неговиот план и ќе разговара за Гренланд на Светскиот економски форум во Давос.
„Не мислам дека ќе пружат премногу отпор. Мораме да го имаме. Тие не можат да го заштитат. Данска, тие се прекрасни луѓе, и знам дека лидерите се многу добри луѓе, но тие дури и не одат таму. И знаете, бидејќи бродот отишол таму пред 500 години, а потоа заминал, тоа не ви дава право на сопственост“, изјави претседателот на САД, Доналд Трамп.
Викендов Трамп се закани дека ќе воведе данок од 10% во февруари за стоки од осум европски земји, вклучувајќи ја и Велика Британија, поради нивното противење на американската контрола врз Гренланд. Данскиот министер за надворешни работи дециден, Европа мора да покаже дека заканите со царини не се патот напред.
„Она за што сме сигурни е дека ако не дадеме силен одговор, тогаш испраќаме сигнал на слабост. Навистина е важно сите ние кои веруваме во меѓународното право да проговориме, за да му покажеме на Трамп дека не може да оди понатаму“, рече Ларс Леке Расмусен, министер за надворешни работи на Данска.
Повеќе дански борбени трупи пристигнаа во Гренланд за зимска обука во услови на зголемени тензии со САД. Данска и Гренланд предложија мисија на НАТО на островот и објавија дека имале продуктивен состанок во Брисел со генералниот секретар на алијансата.
„Генералниот секретар е многу свесен за тешката ситуација во која се наоѓа и данското кралство, но впрочем и за предизвиците што постојат во однос на НАТО“, нагласи Троелс Лунд Поулсен, министер за одбрана на Данска.
„Најважното нешто во врска со состанокот беше што постигнавме некои важни работи во однос на безбедноста на Арктикот. Затоа сега спроведуваме разни вежби“, рече Вивијан Моцфелд, министер за надворешни работи на Гренланд.
Данска доби поддршка од Европарламентот во тековниот спор со САД, инсистирајќи дека воздржаноста на Европската Унија по ова прашање не е знак на слабост.
„Мерките со кои се закани администрацијата на САД за време на викендот нема да помогнат во подобрувањето на безбедноста на Арктикот. Всушност, тие ризикуваат спротивното. Гренланд и Данска јасно ставија до знаење дека Гренланд не е на продажба и дека нивниот суверенитет и територијален интегритет треба да се почитуваат. Тој факт нема да се промени“, изјави Роберта Мецола, претседателка на Европскиот парламент.
ЕУ в четврток на вонреден самит ќе разговара за тоа како да одговорат на најновата закана на Трамп за преземање на островот. Формално, Гренланд е дел од Данска, членка и на ЕУ и на НАТО.
Маријана Димовска
