Советот на јавни обвинители ќе одлучува за избор на шеф на ОЈО Скопје
На дневен ред на 36-та седница е и изборот на јавен обвинител за скопското обвинителство, за кој конкурираат пет кандидати...

Советот на јавни обвинители денеска треба да ја одржи 36-та седница, на која, меѓу другото, е предвидено донесување одлука за избор на основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје.
За функцијата прв човек на скопското обвинителство конкурираат петмина кандидати. Меѓу нив е и актуелниот раководител на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски, поранешен член на Специјалното јавно обвинителство, кое беше распуштено поради утврдени нерегуларности.
Во јавноста претходно беше отворено и прашањето за предметот во Јавното обвинителство поврзан со бонусите исплаќани во рамки на СЈО, во кој се споменуваат и внатрешни несогласувања меѓу обвинители, вклучително и реакции од вишите јавни обвинители Хајрулахи и Цветановски во однос на поранешниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Покрај Бубевски, кандидати за функцијата се и Тања Трајчевска, Анел Фидоски, Дејан Петрески и Спасенка Андонова.
Одлуката на Советот на јавни обвинители се очекува по завршување на расправата по оваа точка од дневниот ред.
