Македонија- Хрватска: Односите одлични, да се зголеми економската соработка!

09.09.2014 16:35

Хрватските искуства на патот кон ЕУ и НАТО се добредојдени. Двајцата премиери разговараа и за можностите за соработка во делот на инвестициите и туризмот...

Македонија ги исполнува сите технички услови за влез во ЕУ и НАТО, но проблемот за нејзиното зачленување е политички и ние не можеме да ја натераме Грција да ги промени своите ставови, порача хрватскиот премиер Зоран Милановиќ. По средбата со македонскиот колега рече дека не го поддржува тоа што Грција го прави.

„Едноставно оваа состојба треба да престане. Ги разбираам стравувањата на некои држави, но историјата е нешто што не можеме да го смениме, но живееме во сегашноста. Македонија е една мала држава која за никого не е закана, која раззвива една во светот забележана бизнис клима. А тоа нешто говори. Говори дека Македонија спровела низа даночни и законодавни реформи кои покажуваат дека и со мали даноци има позитивни резултати а тоа  е резултат на осмислена политика“, изјави хрваткиот премиер Милановиќ.

Премиерот Груевски, пак, потенцира дека меѓу двете земји владеат одлични билатерални односи и дека хрватските искуства на патот кон ЕУ и НАТО се добредојдени. Двајцата премиери разговарале и за можностите за соработка во делот на инвестициите и туризмот. Груевски најави можни нови хрватски инвестиции во земјава.

„Се согласивме дека постои дополнителен потенцијал за продлабочување на економската соработка и трговската размена што би водело до реализација на заедничката цел во следните години, Хрватска да стане уште поголем партнер на Република Македонија во однос на трговската размена. Некои хрватски компании веќе имаат инвестирано, некои размислуваат, можам да кажам дека се добредојдени“, нагласи премиерот Никола Груевски.

Хрватскиот премиер беше примен и од претседателот Иванов.

 

Лидија Чакар