Свет

Судбината на Гренланд – тест за сојузништвата

20.01.2026 16:07

Американскиот претседател доаѓа на светскиот економски форум во Давос за да разговара за гренланд.Трамп не очекува голем притисок од Европа, откако викендов се закани со царини за земјите кои се противат на американска контрола врз островот. ЕУ в четврток на вонреден самит ќе разговара за тоа како да одговорат на најновата закана на Трамп за преземање на Гренланд...

Судбината на Гренланд – тест за сојузништвата. Арктичката територија со денови е тема број еден поради напорите на претседателот Трамп за американска контрола. Шефот на Белата куќа вели дека не очекува премногу отпор кон неговиот план и ќе разговара за Гренланд на Светскиот економски форум во Давос.

„Не мислам дека ќе пружат премногу отпор. Мораме да го имаме. Тие не можат да го заштитат. Данска, тие се прекрасни луѓе, и знам дека лидерите се многу добри луѓе, но тие дури и не одат таму. И знаете, бидејќи бродот отишол таму пред 500 години, а потоа заминал, тоа не ви дава право на сопственост“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

Викендов Трамп се закани дека ќе воведе данок од 10 проценти во февруари за стоки од осум европски земји, вклучувајќи ја и Велика Британија, поради нивното противење на американската контрола врз Гренланд.

„Мислам дека е тажно и тотално апсурдно што имаме американски претседател кој не уценува сите нас, обидувајќи се да добие парче земја или да го купи преку закани“, рече Елизабет Евантесон, министерка за финансии на Шведска.

„Ќе инсистираме да се обидеме да го бараме дијалогот. Не сакаме да го ескалираме ова, но секако ако другите продолжат да ескалираат, тогаш ќе треба да има европски одговор во одреден момент“, порача Стефани Лозе, министерка за економски прашања на Данска.

Повеќе дански борбени трупи пристигнаа во Гренланд за зимска обука во услови на зголемени тензии со САД. Данска и Гренланд предложија мисија на НАТО на островот и објавија дека имале продуктивен состанок во Брисел со генералниот секретар на алијансата.

„Генералниот секретар е многу свесен за тешката ситуација во која се наоѓа и данското кралство, но впрочем и за предизвиците што постојат во однос на НАТО“, изјави Троелс Лунд Поулсен, министер за одбрана на Данска.

„Најважното нешто во врска со состанокот беше што постигнавме некои важни работи во однос на безбедноста на Арктикот. Затоа сега спроведуваме разни вежби“, истакна Вивијан Моцфелд, министер за надворешни работи на Гренланд.

ЕУ в четврток на вонреден самит ќе разговара за тоа како да одговорат на најновата закана на Трамп за преземање на островот. Формално, Гренланд е дел од Данска, членка и на ЕУ и на НАТО.

Маријана Димовска