Уште една ѕвезда на „Браќа Манаки“, Жулиет Бинош доаѓа во Македонија

09.09.2014 16:42

Ќе и биде врачена специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност...

Француската оскаровка Жулиет Бинош е sвездата на јубилејното 35-то издание на престижниот филмски фестивал „Браќа Манаки“. Таа ќе присуствува на отворањето и ќе престојува 3 дена. Во нејзина чест, фестивалот ќе се отвори со “Облаците на Силс Марија”, филм во кој таа е во главната улога, а неодамна се прикажуваше во Кан и во Торонто. На Бинош ќе и биде врачена и специјалната награда Златна Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност.

Почнавме со Викторија Абрил, па Мики Манојловиќ, Дерил Хана, Кетрин Денев, а посебно во минатата година со Изабел Ипер. Се прашувавме дали годинава можеме повторно да донесеме толку голема и толку блескава ѕвезда. Кога ќе слушнете кој е со нас годинава, сигурно ќе се согласите дека повторно се надминавме себеси, рече Лабина Митевска, директорка на филмскиот фестивал „Браќа Манаки.“

Бинош има снимено 58 филма и освоено 28 награди, меѓу кои Канската палма, Венецискиот лав, Берлинската мечка, како и наградите од Европската филмска академија. Платното го делела со Џони  Деп, Семјуел Л. Џексон, Џереми Ајрон, Ралф Фајнс. Позната е и по својата хуманитарна работа. На годинашното издание на „Браќа Манаки“ под слоганот  “Кон sвездите”, ќе бидат прикажани 76 филма во осум категории, меѓу кои и омаж на Милчо Манчевски. Премиерно македонската публика ќе ги види двата македонски филма “До балчак” на Столе Попов и “Деца на сонцето” на Антонио Митриќески.

Александра Перевска