Германија пред рецесија

09.09.2014 16:56

Откако германската економија забележа пад на БДП од -0,2 насто се погласни се анализите дека земјата може да влезе во рецесија што последователно значи економски ризик на целата Европска Унија...

Европа е пред нов предизвик. И се заканува нова економска криза. Откако германската економија забележа пад на БДП од -0,2 насто се погласни се анализите дека земјата може да влезе во рецесија што последователно значи економски ризик на целата Европска Унија. Во Бундестагот денеска ќе се одржи пленарна седница, каде на дневен ред е предлог буџетот за 2015 година. Првиот предлог-буџет на министерот за финансии Шојбле за 2015 предвидува севкупното федерално трошење да изнесува речиси 300 милијарди евра – цифра под предвидените владини приходи. Ова е првиот германски буџет во 45 години што не предвидува усвојување на нови поединечни долгови.

„Нашата стратегија е да избегнуваме нови долгови. Се заложуваме за сигурност и да го исполниме тоа што го ветивме. Тоа е единствен начин да се задржи довербата во економијата и добрата положба на Германија“, изјави Волфган Шојбле, германски министер за финасии.

Се поактуелни се дилемите како да се дојде до решение, дали преку штедење или преку поттикниување на растот. Германската канцеларка Ангела Меркел и министерот за финансии Шојбле е најголем подржувач на политиката на штедење Шојбле пропагира штедење без ново задолжување што предизвикува отпор и во самата Влада.

„Важно е Германија да се фокусира на балансирање на финансиите се друго ќе доведе до нова криза на довербата на инвеститорите“, рече Шојбле.

Социјалдемократската партија пак врши притисок да се зголеми потрошувачката. Во моментов надворешниот долг на Германија е над 2,1 трилиони евра, околу две третини од годишниот БДП, а со неодамнешните законски измени, ограничено е правото на владата да се задолжува. Лидерот на Меѓународниот фонд Кристи Лагард ја повика Германија да ги зголеми инвестициите со цел поттикнување на економската состојба на Еврозоната. Поради лошата економска сотојба Европската централна банка објави пакет мерки за стимулирање на растот. Аналитичарите велат дека стагнацијата на еврото не е лош знак само за граѓаните туку и за САД, Велика Британија и Кина.

Марија Петковска