Зеленски: Учество во Давос само ако има резултати
Зеленски изјави дека Украина со САД и Европа работат на пакети за поддршка и ќе учествува на состаноци во меѓународни формати како Давос само ако донесат конкретни безбедносни резултати...

Над милион домаќинства во Киев се без струја и греење поради засилените руски напади врз енергетската инфраструктура. Зеленски изјави дека Украина со САД и Европа работат на пакети за поддршка и ќе учествува на состаноци во меѓународни формати како Давос само ако донесат конкретни безбедносни резултати.
„Ракетите за воздушна одбрана се потребни секој ден, оружјето, како и опремата за закрепнување. Ако форматот во Давос може да го испорача ова – вистински резултати за Украина – ќе бидеме таму. На никој не му требаат празна политика и разговори без резултати“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Русија соопшти дека е подготвена за дијалог со Европа, но е скептична за договор со сегашните лидери на ЕУ, нагласувајќи дека сериозните разговори бараат дискретна дипломатија, а не јавни обвинувања.
„Најверојатно нема да можеме да се согласиме со сегашните европски лидери за ништо, бидејќи тие отидоа премногу длабоко во омразата кон Русија“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
