Сиљановска-Давкова: Дипломатијата гради мостови, а не ѕидови
Претседателката ја нагласи важноста на културната, економската, спортската и научната дипломатија, истакнувајќи дека современата дипломатија оди многу подалеку од протоколот.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова синоќа во Охрид го приреди традиционалниот годишен прием за претставниците на дипломатскиот кор, на кој присуствуваа амбасадори и членови на дипломатската заедница акредитирани во земјава.
Обраќајќи им се на присутните, претседателката упати честитки и најдобри желби до дипломатите, нивните семејства, како и до државите и народите што ги претставуваат. Таа ја нагласи важноста на културната, економската, спортската и научната дипломатија, истакнувајќи дека современата дипломатија оди многу подалеку од протоколот.
„Дипломатијата не е само збир на формални активности, туку цивилизациски механизам што истовремено урива ѕидови и гради мостови“, порача Сиљановска-Давкова. Таа додаде дека дипломатите се носители на знаење, умереност и упорност во изнаоѓањето решенија, преферирајќи дијалог и договори наместо конфликти и сила, потенцирајќи дека повеќе верува во силата на аргументот отколку во аргументот на силата.
Во име на дипломатскиот кор, се обрати доајенот и амбасадор на Босна и Херцеговина, Драган Јаќимовиќ, кој изрази благодарност до претседателката за политиката на отворени врати и континуираното пријателство со дипломатската заедница.
Тој истакна дека дипломатите во земјава препознаваат доверлив и конструктивен партнер, нагласувајќи дека меѓународната заедница ја цени посветеноста на државата на регионалната соработка, добрососедските односи и активниот ангажман на меѓународната сцена. Јаќимовиќ додаде дека дипломатскиот кор и во иднина ќе продолжи со посветено исполнување на своите обврски, во согласност со Виенската конвенција за дипломатски односи, градејќи мостови на пријателство на билатерално и мултилатерално ниво.
