Македонија го заврши настапот на ЕП, Португалија ја шокираше Данска

21.01.2026 09:05

Нашите ракометари се надеваа на убедлива победа на Данска, но таквото сценарио не се оствари.

Македонската ракометна репрезентација го заврши настапот на Европското првенство откако Португалија приреди големо изненадување и го совлада домаќинот Данска со 31:29 (12:11) во последниот натпревар од групата Б, одигран синоќа во Хернинг.

Со овој резултат, Португалија и Данска обезбедија пласман во главната фаза, додека Македонија, и покрај победата над Романија од 24:23, како третопласирана ја заврши континенталната смотра.

Нашите ракометари се надеваа на убедлива победа на Данска, но таквото сценарио не се оствари. Португалија од самиот почеток го контролираше натпреварот, поведе со 3:1 и до крајот на првото полувреме ја ограничи Данска на само 11 постигнати голови.