Мицкоски од Давос: Македонија мора храбро да го редефинира развојниот курс, енергетиката клуч за растот
Премиерот порача дека Македонија мора стратешки да ја искористи оваа глобална трансформација, постепено диверзифицирајќи ја економијата и намалувајќи ја зависноста од автомобилската индустрија, со силен фокус на енергетиката.

Македонија не смее да остане на маргините на глобалните енергетски и економски промени, порача премиерот Христијан Мицкоски од Светскиот економски форум во Давос, истакнувајќи дека земјата треба храбро да го редефинира својот развоен курс со фокус на енергетиката како еден од клучните столбови за идниот економски раст.
По интензивниот ден исполнет со средби и дискусии, Мицкоски учествуваше на панел за енергетика заедно со американскиот секретар за енергетика Крис Рајт и претставници на водечки светски енергетски компании. Разговорите биле насочени кон идниот развој на производството на електрична енергија и можностите Македонија да се вклучи во тие глобални процеси.
Премиерот посочи дека глобалната побарувачка за енергија ќе расте, при што потребата од електрична енергија ќе се зголемува дури два и пол пати побрзо. Во тој контекст, тој нагласи дека државата не смее да биде пасивен набљудувач, туку треба да ги реактивира енергетските проекти што со години се одложуваат, како Чебрен, Галиште и Бошков Мост, како и да го искористи потенцијалот за инвестиции во обновливи извори на енергија, за кои веќе постои сериозен интерес од меѓународни инвеститори.
Како еден од клучните заклучоци од панелот, Мицкоски ја посочи и проценката дека во следната деценија на глобално ниво ќе треба да се изградат капацитети за производство на околу 40 илјади терават-часови електрична енергија, количина која е повеќе од пет илјади пати поголема од сегашната потрошувачка на Македонија. Овој раст, според него, е директно поврзан со развојот на вештачката интелигенција и експанзијата на дата-центрите.
Премиерот порача дека Македонија мора стратешки да ја искористи оваа глобална трансформација, постепено диверзифицирајќи ја економијата и намалувајќи ја зависноста од автомобилската индустрија, со силен фокус на енергетиката. Тој изрази увереност дека земјата има реална шанса да се позиционира како значаен регионален и европски енергетски чинител.
Настапот во Давос, според Мицкоски, е потврда дека интересот за македонската економија постои, а следниот предизвик е тој интерес да се претвори во конкретни инвестиции и проекти со долгорочна корист за граѓаните и државата.
