Давос во сенка на Гренланд, трансатлантскиот сојуз пред сериозен тест
Спорот околу Гренланд прераснува во длабока политичка и безбедносна криза меѓу САД и Европа, токму во пресрет на говорот на американскиот претседател Доналд Трамп во Давос. Острите пораки од Вашингтон, реакциите од европските лидери и трговските закани отвораат сериозни прашања за иднината на трансатлантскиот сојуз…

Швајцарија, место на историски тест за трансатлантскиот сојуз. Она што започна како спор за Гренланд, ескалираше во длабока криза меѓу Вашингтон и неговите најблиски сојузници. Во исчекување на говорот на американскиот претседател Трамп во Давос, остри тонови дека нешто ќе се случи со Гренланд и дека тој останува императив за безбедноста на САД, веќе пристигнаа пред неговото заминување.
„Одам во Давос, верувам дека патувањето ќе биде многу успешно. Земјата никогаш не била подобро. Ова ќе биде интересно патување“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
Шефот на НАТО Руте, кој се обидува да го спречи распадот на Алијансата, на маргините на форумот ќе се сретне со Трамп во обид да понуди алтернативи за безбедноста на островот. Шефот на Белата куќа пред заминувањето порача дека ќе смисли нешто што ќе ги направи и САД и НАТО „многу среќни“. Во истовреме, трговските притисоци и закани за нови царини од САД кон ЕУ беа остро осудени од европските сојузници, најавувајќи дека ќе ги штитат своите интереси.
„Независноста на Гренланд не се дискутира, а заканите за дополнителни тарифи се грешка. Ги сметаме луѓето на САД не само за наши сојузници, туку и за наши пријатели, а туркањето во надолна спирала би им помогнало само на самите противници. Затоа нашиот одговор ќе биде решителен, обединет и пропорционален“, нагласи Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
„Меѓународното право се гази под нозе, каде единственото правило што изгледа дека важи е законот на посилниот, и каде империјалните амбиции се враќаат. Европа сега има многу силни алатки и ние мора да ги користиме кога не сме почитувани и кога правилата на играта, патем, не се почитуваат. Механизмот против принуда е моќен инструмент и не треба да се двоумиме да го употребиме во денешната тешка средина“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
„Под голем притисок сме. Можат да се случат две работи. Ако имате надворешен притисок, можете да се обедините или можете да експлодирате во која било можна насока. И мислам дека Европа е на раскрсница каде што мора да одлучи. Но, се преминуваат толку многу црвени линии што имате избор помеѓу самопочитувањето и тоа да бидете среќен вазал или несреќен роб“, рече Барт де Вевер, премиер на Белгија.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент го осуди „гневот“ и „горчината“ на Европа и порача дека верува оти Европејците ќе бидат убедени да ја поддржат загриженоста на Трамп за Гренланд откако ќе го слушнат неговиот аргумент. Во истовреме, европскиот парламент како одговор на царините од Трамп го замрзна трговскиот договор меѓу ЕУ и САД.
Бојана Крстевски
