Шварцарија

Економскиот форум во Давос епицентар на геополитичките случувања

21.01.2026 19:03

Годинашниот Економски форум во Давос епицентар на геополитичките случувања. Она што започна како спор за Гренланд, ескалираше во длабока криза меѓу Вашингтон и неговите најблиски сојузници. Трамп доаѓа со истата реторика во однос на најголемиот остров во светот, европските лидери сплотени – не попуштаат во намерата Гренланд да остане на Гранланѓани и на Данска.

Швајцарскиот центар Давос – место на историски тест за трансатлантскиот сојуз. Она што започна како спор за Гренланд, ескалираше во најтешката криза меѓу Вашингтон и неговите блиски сојузници. Во исчекување на говорот на американскиот претседател Трамп, од Вашингтон веќе пристигнаа пораки дека нешто ќе се случи со Гренланд, националната безбедност останува приоритет за САД.

„Одам во Давос, верувам дека патувањето ќе биде многу успешно. Земјата никогаш не била подобро. Ова ќе биде интересно патување“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

На маргините на форумот, шефот на НАТО Руте ќе се сретне со Трамп во обид да го спречи распадот на Алијансата, нудејќи алтернативи за арктичката безбедност, додека американскиот претседател најави решение што би ги направило сите „многу среќни“. Истовремено, ЕУ најави цврст одговор на заканите на Трамп за Гренланд и неговите казнени царини.

„Независноста на Гренланд не се дискутира а заканите за дополнителни тарифи се грешка. Туркањето во надолна спирала би им помогнало само на противниците. Затоа нашиот одговор ќе биде решителен, обединет и пропорционален“, изјави Урсула Фон Дер Лајен-претседателка на Европската комисија.

„Европа сега има многу силни алатки и мора да ги користиме кога не сме почитувани и кога правилата на играта, патем, не се почитуваат. Механизмот против принуда е моќен инструмент и не треба да се двоумиме да го употребиме“, изјави Емануел Макрон – претседател на Франција.

Повици за отпор на американските планови пристигнаа и од Копенхаген. Данската премиерка истакна дека Европа мора да одговори, повторувајќи го ставот дека суверенитетот и демократијата не се предмет на преговори.

„Можеме да преговараме за сè. Политичка безбедност, инвестиции и економија. Но, не можеме да преговараме за нашите фундаментални вредности, суверенитетот, идентитетот на нашите земји и граници“, изјави Мете Фредериксен – премиер на Данска.

Американскиот министер за финансии, Скот Бесент, го осуди „гневот“ и „горчината“ на Европа и порача дека Европејците ќе ја поддржат загриженоста на Трамп за Гренланд откако ќе го слушнат неговиот аргумент. Вели дека царините се одговор за испраќањето трупи на островот.

„Видете, земјите ги активираа своите трупи, каков сигнал треба да испрати тоа? Трамп јасно стави до знаење дека нема да ја префрлиме нашата национална безбедност на други земји. Немојте да го имате овој рефлексивен гнев што го видовме, оваа горчина. Почекајте да го слушнете претседателот и неговиот аргумент. Мислам дека ќе бидете убедени“, изјави Скот Бесент – министер за финансии на САД.

Во меѓувреме, Европскиот парламент, како одговор на царините од Трамп, го замрзна трговскиот договор меѓу ЕУ и САД.

 

Бојана Крстевски