Лажни СМС пораки од „Безбеден град“, МВР апелира на внимателност
Забележана е појава на нови фишинг напади. МВР алармира – до граѓаните стигнуваат лажни СМС пораки од „Безбеден град“. Наведен е лажен линк преку кој се пренасочуваат да извршат уплата за наводен сообраќаен прекршок. Се апелираат на внимателност …

Измамници го злоупотребуваат системот „Безбеден град“. Лажни СМС, електронски пораки и пораки на социјални мрежи. Од граѓаните се бара да извршат уплата за сторен сообраќаен прекршок преку наведен лажен линк. Пораките наводно пристигнуваат од оддел за моторни возила како известување од системот „Безбеден град“, велат од Министерството за внатрешни работи. Оттаму апелираат за внимателност. Доколку се бара да се плати казна да не наседнуваат граѓаните туку да проверат кој е испраќачот, посочуваат од МВР.
Од Министерството за внатрешни работи велат, граѓаните да пријават сомнителни пораки кај надлежните институции или во надлежната банка.
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи презема мерки за откривање и санкционирање на сторителите на ваквиот вид на измама.
Граѓаните кои ги анкетиравме велат дека внимаваат каде ги даваат личните податоци.
До Министерство за внатрешни работи стигнуваат и пријави од граѓани кои добиле електронска порака наводно во име на директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, во која се даваат насоки за 24 часа да се оди до полициска станица или да се испрати повратен е-мејл бидејќи наводно примачот на пораката е предмет на кривични истраги за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено, како детска порнографија, педофилија и трговија со дрога.
Целта е примачот на пораката да се регистрира преку мејл и да ги даде неговите лични податоци.
Ана Јосифоска
