Македонија

Снегот ги отежна сообраќајот и движењето во Скопје

21.01.2026 17:17

Снегот го обели Скопје, но предизвика и утрински метеж во градот. Автомобилите и автобусите тешко се пробиваа низ булеварите, луѓето внимателно се движеа по пешачките премини. Граѓаните со поделени мислења колку локалните власти ја завршиле домашната задача...

Снегот го обели Скопје, но предизвика и утрински метеж во градот. Автомобилите и автобусите тешко се пробиваа низ булеварите, луѓето внимателно се движеа по пешачките премини. Граѓаните со поделени мислења колку локалните власти ја завршиле домашната задача.

Од Град Скопје велат дека целата расположлива механизација на јавните претпријатија е испратена на терен. Дел од општините свикаа кризни штабови.

„Со навремена и организирана реакција, градските служби од раните утрински часови интервенираа ефикасно на сите клучни булевари и улици под надлежност на Град Скопје. Со употреба на повеќе од 300 тони сол, обезбедивме безбедно и непречено одвивање на сообраќајот“, се вели во соопштението на Град Скопје.

Опозицијата, пак, смета дека локалните власти комплетно потфрлиле.

„Снегот ги изненади во јануари. Институциите не функционираат, патиштата и улиците не се исчистени, сообраќајот е небезбеден“, велат од СДСМ.

Прашањето за проодноста на патиштата отворено и на собраниската седница.

И сообраќајот на патиштата низ државата се одвива отежнато и во зимски услови, потребна е внимателност. Ангажирани се и сезонски работници.

Надлежните уверуваат дека постојано се работи на расчистување на снегот и фрлање сол на критичните точки каде има подмрзнување.

Александра Спировска