ОЈО ГОКК

Предистрагата за судијата Ристов траела со месеци, парите биле пронајдени при вториот претрес

21.01.2026 16:59

Свежиот цемент и неумесно поставените плочки во кујната ги разбудиле сомнежите на истражителите, кои зад нив пронашле врзопчиња со евра во домот на родителите на судијата Ристов. Истрагата, која засега се води само против судијата, траела речиси девет месеци, а Обвинителството сѐ уште не ги поврзува парите со конкретен предмет...

Тазе цемент во куќата било индиција за истражителите да се посомневаат дека во домот на родителите на судијата Ристов се кријат кеш пари. Кога го прашале семејството дали поправале нешто, тие негирале, но неумесно залепените плочки во кујната ја натерало полицијата да ѕирне што се крие зад нив. Почнале да паѓаат врзопчиња со евра. Истрага засега се води единствено против судијата.

„Предистражната постапка за судијата траеше 8-9 месеци. Од повеќе сведоци добивавме информации и го составуваме мозаикот. Немавме дојава дека парите се соѕидани, но имавме сознанија дека поседува голема сума пари во готово. Наша обврска беше да ги најдеме“, велат од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Засега обвинителството, пронајдените пари не ги поврзува со конкретен случај.

Случајот станал појасен, откако адвокатот Фехми Стафа беше уапсен со кеш пари со кои требало да подмити апелациски судија за да го укине притворот на осомничениот Љупчо Пецов.

По изречениот притвор на судијата, реагираше еснафското здружение.

„Здружението на судии јасно и недвосмислено се оградува од секој корумпиран судија или носител на судска функција кој со своето незаконско постапување го нарушува угледот и интегритетот на судскиот систем. Таквите појави не смеат и не треба да се поврзуваат со судиите кои чесно, професионално и одговорно ја извршуваат својата функција, а кои претставуваат огромно мнозинство“ – стои во соопштението од Здружението на судии.

Анита Димитријевска-Велковска