Трамп најави договор за Гренланд
Трамп се повлече од заканите за воведување тарифи поради Гренланд. Американскиот претседател ја исклучи можноста за употреба на сила. Посочи дека е на повидок договор за крај на спорот околу данската територија …
Американскиот претседател се откажа од царините за Европа, но и од целосното преземање на Гренланд. Најави договор за завршување на спорот околу данската територија, избегнувајќи криза во трансатлантските односи. Трамп откри дека развил рамковен план со НАТО за безбедноста на Арктикот од интерес за САД и останатите земји на алијансата. Деталите сè уште се финализираат.
„Тоа е договор што луѓето го прифатија со нетрпение, навистина фантастичен за САД, добива сè што сакавме, вклучително и вистинска национална и меѓународна безбедност. Ќе биде објавен наскоро. Сè уште е во тек, но е доста напреднат. Тоа е долгорочен договор кој ги става сите во навистина добра позиција, особено кога станува збор за безбедноста, минералите и сè друго“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
Шефот на НАТО, Руте изјави дека разговорите со Трамп се фокусирале на заштитата на Арктикот, а не на политичкиот статус на Гренланд, додавајќи дека претстои уште многу работа.
„Двајцата се согласивме да разгледаме и да работиме на тоа како НАТО колективно може да придонесе за да се осигура дека целиот арктички регион е безбеден, вклучително и Гренланд. Има многу работа што треба да се направи за да можеме во основа, сè што е потребно на копно, море и воздух, за да се осигураме дека го заштитуваме тој важен дел од светот и од територијата на НАТО“, нагласи Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Данска ја поздрави променетата реторика на САД и најавата дека нема да го земат Гренланд со сила.
„Се создава малку надеж дека можеме да се вратиме на она што го сакавме, имено дека овој случај не е случај за кој треба да се бориме пред телевизиски камери или социјални мрежи, туку нешто за кое можеме да разговараме во добро осветлена сала за состаноци“, вели Ларс Локе Расмусен, министер за надворешни работи на Данска.
Иако Трамп понуди малку детали за договорот, една од идеите што членките на НАТО ја дискутираа како дел од компромисот со Трамп беше дека Данска и алијансата ќе соработуваат со САД за изградба на повеќе американски воени бази на Гренланд. Дел од можната рамка би можела да донесе и измени на договорот од 1951 година, со кој се формализираше американското воено присуство на островот. Во истовреме во Брисел вонреден самит на ЕУ на кои се утврдуваат ставовите по променетиот став на Вашингтон.
Бојана Крстевски
Фото: WEF
