Струмица

Сезонскиот грип ги испразни градинките

22.01.2026 14:16

Сезонскиот грип го преполови бројот на дечињата во струмичките градинки. Во службата за Итна медицинска помош дневно и по стотина прегледи. Од Центарот за јавно здравје, соопштуваат дека бројот на заболени е двојно зголемен во однос на истиот период лани...

Сезонскиот грип ги испразни градинките во Струмица. Последниве денови речиси е преполовен бројот на децата кои се згрижени во двете општински установи „Детска радост“ и „Виножито“. Дури 490 деца отсуствуваат од двете градинки каде се запишани околу 1.230 дечиња.

Во клоновите на градинката Детска радост отсуствуваат околу 45 отсто од вкупно запишаните 830 дечиња – најмногу заради сезонскиот грип.

Децата се најчести пациенти и во Службата за итна медицинска помош во Струмица. Таму дневно се прегледуваат по стотина пациенти кои се жалат на зголемена телесна температура и малаксаност.

Двојно зголемен е бројот на заболени од грип во струмичко валандовскиот регион овој период во однос од минатата година ,велат до Центарот за јавно здравје од каде велат дека нема место за паника.

За избегнување на сезонскиот грип остануваат препораките за негрупирање, консумирање на повеќе течности и здрава храна, чести проветрување, физичка активност, редовна хигиена.

 

Ване Трајков