Трамп се откажа од царините и од целосно преземање на Гренланд
Трамп најави договор за решавање на спорот со Данска. Откри рамковен план со НАТО за безбедноста на Арктикот, од интерес за САД и преостанатите земји на Алијансата. Фокусот на разговорите кои ќе продолжат, бил на безбедноста на Арктикот и Гренланд и спречувањето на руско и кинеско влијание. Рускиот став е – немешање во западните политики...

Американскиот претседател Трамп се откажа од царините и од целосно преземање на Гренланд, најавувајќи договор за решавање на спорот со Данска. Откри рамковен план со НАТО за безбедноста на Арктикот, од интерес за САД и преостанатите земји на Алијансата. Деталите сè уште се финализираат.
„Тоа е договор што луѓето го прифатија со нетрпение, навистина фантастичен за САД, добива сè што сакавме, вклучително и вистинска национална и меѓународна безбедност. Ќе биде објавен наскоро. Сè уште е во тек, но е доста напреднат. Тоа е долгорочен договор кој ги става сите во навистина добра позиција, особено кога станува збор за безбедноста, минералите и сè друго“, изјави Трамп.
Фокусот на разговорите кои ќе продолжат, бил на безбедноста на Арктикот и Гренланд и спречувањето на руско и кинеско влијание, но не и на политичкиот статус на островот – потврди шефот на НАТО.
„Еден од резултатите на разговорите е обезбедување гаранции за безбедност на Арктикот за да биде недостапен за Русија и Кина. Да се осигураме дека нема да добијат пристап до Гренланд, ниту воено, ниту економски“, истакна генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
„Конечно малку надеж да вратиме на она што го сакавме, не пред телевизиските камери и социјални мрежи, да се конфронтираме, туку во разговараме на состаноци“, рече Ларс Локе Расмусен, министер за надворешни работи на Данска.
Рускиот став е – немешање во западните политики, но Путин потсети дека сега зелениот остров станува многу поевтин.
Кога САД ја купија Алјаска споредено со
„Цената на Гренланд сега чини околу милијарда американски долари споредено со цената на Алјаска купена во 19-иот век од САД. Мислам дека Американците можат да си го дозволат тоа“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.
Суштината на рамковниот договор за Гренланд не е објавена, иако Данска сака да преговара со САД за изградба на Златната купола, американската безбедносна заштита предложена од Трамп.
Бојана Крстевски
