Македонскиот пазар на електрична енергија се шири со поддршка на словенечката берза
Договорот беше потпишан во просториите на МЕМО, во присуство на министерката Божиновска, од страна на управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, и извршниот директор на словенечката енергетска берза БСП и претседател на Управниот одбор на групацијата АДЕКС, Анже Предовник.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја поздравува и институционално ја поддржува денешната реализација на Договорот меѓу Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје и словенечката енергетска берза БСП, со кој официјално започнува имплементацијата на пазарот во тековниот ден (Intraday Market).
„Воспоставувањето на пазарот во тековниот ден е суштински чекор за модернизација на македонскиот енергетски сектор и негова реална интеграција во европскиот пазар. Со вакви конкретни проекти ја градиме стабилноста, транспарентноста и конкурентноста на пазарот, а државата јасно покажува дека знае каде оди и зошто“, изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Договорот беше потпишан во просториите на МЕМО, во присуство на министерката Божиновска, од страна на управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, и извршниот директор на словенечката енергетска берза БСП и претседател на Управниот одбор на групацијата АДЕКС, Анже Предовник.
Договорот претставува континуитет на соработката со БСП и ЕПЕКС СПОТ, важен чекор во развојот на македонската берза за електрична енергија и зајакнување на нејзината техничка и институционална подготвеност за пазарна интеграција со Европската Унија.
Со Договорот, се обезбедуваат трговски и клиринг платформи за пазарите на електрична енергија – ден-однапред и пазар во тековниот ден. Пазарот ден-однапред во Северна Македонија успешно функционира од мај 2023 година, а воспоставувањето на пазарот во тековниот ден претставува логично продолжување на процесот на пазарно заокружување и европска интеграција.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството активно и континуирано ја поддржува институционалната и техничката подготвеност на пазарните оператори:
„Нашата цел е јасна – функционален, сигурен и европски усогласен пазар на електрична енергија. Пазарот во тековниот ден, носи поголема флексибилност, подобро управување со обновливите извори и намалување на системските ризици. Тоа е директна придобивка и за учесниците на пазарот и за енергетската стабилност на државата“, истакна Божиновска.
По потпишувањето на Договорот, одржан е и почетен (kick-off) состанок со претставници на БСП, со што официјално започнаа активностите за воспоставување на пазарот во тековниот ден, чија целосна имплементација е планирана до крајот на вториот квартал од 2026 година.
Управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, оцени дека Договорот претставува значаен чекор во јакнењето на организираниот пазар и неговата подготовка за идно поврзување со единствениот европски пазар, додека Анже Предовник ја нагласи важноста на партнерството и институционалната поддршка од Министерството како клучен фактор за успешна реализација на проектот.
Со оваа активност, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини уште еднаш ја потврдува својата стратешка определба за развој на функционален пазар на електрична енергија, продлабочување на регионалната соработка и целосна интеграција во европското енергетско пазарно подрачје.
