Град Скопје

Средба Ѓорѓиевски- Лосон, можности за продлабочување на соработката

22.01.2026 12:14

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, оствари средба со британскиот амбасадор Метју Лосон и делегација од Обединетото Кралство, на која беа разгледани можностите за унапредување на соработката во образованието, културата, локалниот економски развој и креативните индустрии.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, оствари работна средба со британскиот амбасадор во земјава, Метју Лосон, како и со делегација од Обединетото Кралство, на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката меѓу Скопје и Обединетото Кралство.

На средбата, Ѓорѓиевски ги презентираше развојните планови и стратешките приоритети на Град Скопје, кои, како што истакна, се темелат на јасна визија, конкретна стратегија и долгорочни, одржливи политики насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

Посебен акцент бил ставен на можностите за заедничка реализација на проекти и програми во областа на образованието, културата, локалниот економски развој и креативните индустрии, како и на размената на позитивни искуства и успешни практики.

На состанокот било отворено и прашањето за потенцијална соработка и поддршка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата 2028“, како една од клучните иницијативи на Град Скопје.

Во делегацијата од Обединетото Кралство учествувале и Клер Сирс, директорка на Британскиот совет за Западен Балкан, Доминик Роудс, раководител за политика во Амбасадата, како и Милан Лучиќ, раководител на Секторот за уметност при Регионалната канцеларија на Британскиот совет.